All for Joomla All for Webmasters

       Оваа збирка содржи голем број на разновидни ситни предмети изработени од метал во периодот од I - VII век н.е., добиени при повеќедецениските истражувања на античкиот град Скупи. Збирката претставува собир на разни видови предмети со уметничка вредност и утилитарни предмети, меѓу кои се среќаваат тоалетни, козметички и медицински алатки, инструменти и предмети, декоративни елементи и апликации за мебел, касети и ковчези, клучеви и окови, бронзена пластика и др. преку кои се добива претстава за животот во овој дел од антиката и преодот кон средновековието.

Истражувајќи ги објектите во античкиот град, кои се со различна намена, наоѓањето на бројните наоди на ситни метални предмети овозможија да се оформи збирката. Неа ја сочинуваат предмети наменети за секојдневна употреба во домот, наменети за лична употреба, наменети за различни производствени дејности. Тоа се: рачки од дрвени или метални кутии, рачки од метални садови, клучеви, брави и други делови за врати, игли за шиење, украсни игли, лажички, спатули, разни мали алатки, копчиња, токи за појаси, привезоци и апликации за појасни гарнитури, украси.

Предметите кои се наменети за лична употреба имаат посебна конотација во проучувањата. Во периодот на антиката преку одредени типови на токи за ремени и останати делови од појасни гарнитури - апликации и висулци, се распознава етничкиот состав на населението. Многубројните племиња кои во периодот на Големите преселби престојувале или се населиле тука, меѓу другото, оставиле трага и преку своите етнички обележја претставени токму преку појасните гарнитури.