Еволутивниот пат на македонската црковна уметност од периодот на XIX век, автентично се отсликува во малата, но репрезентативна збирка на икони од Музејот на град Скопје. Во неа преовладуваат дела со особена вредност, создадени од високо квалитетните и продуктивни зографи на македонската преродбенска уметност. Поголемиот број од иконописните дела се набавени по пат на откуп од приватни колекции, а останатите се донесени во музејот во 1990 г., од црквата Св. Пантелејмон, с. Горно Нерези. Како посебен експонат од збирката се издвојува Плаштаницата (икона на платно) “Ерусалим”, која е донесена од црквата Св. великомаченик Димитрија, Марков манастир, с. Сушица, скопско, која е датирана во 1893 година.
Од педесеттината иконописни дела кои ја сочинуваат збирката, како најрани примероци се издвојуваат таканаречените руски икони, кои биле изработувани во занаетчиските руски работилници од крајот на XVIII и почетокот на XIX век. Држејќи се до хронолошката рамка, следуваат неколкуте дела на Крсте зограф од Велес, кој се смета за еден од најплодните македонски зографи од почетокот на XIX век (1815 - 1835).
Збирката поседува и два високо квалитетни иконописни примерока кои припаѓаат на богатиот опус на најзначајниот претставник на преродбенската црковна уметност, Дичо Крстевич - Зограф, создадени во зенитот на неговото творење, 1860 и 1861 година. Способноста својот талент да го пренесе на своите соработници, во најголема мера може да се согледа преку потпишаните икони на Петре Пачаров Дебранец и Благој (Блаже) Дамјанов, кои припаѓаат на оваа збирка.
Од истиот период неопходно е да се забележи и творештвото на Дамјан Зограф од Крушево, чија зографска вештина јасно се согледува преку петте престолни икони во збирката, донесени од црквата Св. Пантелејмон, с. Нерези. Последна алка во временската рамка на музејската збирка е ликовното дело со претставата на св. Елефтерија, за кое се претпоставува дека негов автор е Димитрија Андонов Папрадишки, еден од последните македонски зографи и основоположник на македонското профано современо сликарство.