Драгица Живкова, виш кустос-историчар на уметноста за Османлиска култура од крај на 14-ти до поч. на 20-ти век
Културните вредности создадени во Скопје и скопско во периодот на Османлиските влијанија во ЈУ Музеј на град Скопје се обработуваат и презентираат преку следниве музејски збирки:
Нумизматичка збирка - османлиски период
Збирката на монети од османлискиот период во Музеј на град Скопје ја сочинуваат типови на монети ковани од XIV до почеток на XX век. Најстарите примероци датираат од периодот на османлиските султани Мурад I (1362-1389) и Бајазит I (1389-1402), со куси прекини, се до последниот султан Мехмед V (Решад) (1909-1918). Застапени се монети ковани во монетарниците: Истанбул (Konstantinije), Скопје (Üskup), Кратово (Kratova), Едрене (Edirne), Серес (Serez), Новар (Novar), Каиро (Misır) (Сл.2), Халеп - Сирија (Halep), Либија (Trablusgarp), Сараево (Saray) и други центри.
Најраниот тип на монета мангар датира од времето на султанот Мурат I (1362-1389), додека специфични и ретки типови на монети се акчата кована во Скопје од Бајазит II (1481-1512), како и јубилејната акча од кратовската монетарница кога со империјата управувал султанот Сулејман I Законодавецот (1520-1566).
Посебна целина во збирката сочинуваат монетите откриени со археолошките истражувања на локалитетот Скопска Тврдина кои датираат од времето на Бајазид I (1389-1402) до султанот Абдулмеџид (1839-1861).
Збирниот корпус освен со откупени и подарени монети, перманенетно се дополнува и преку археолошките истражувања и рекогносцирања во Скопје и Скопско, како: локалитет Скопска Тврдина (најраните примероци од збирката се документирани во 1967 година), локалитет Градиште кај Скопско Кале, Стара Скопска Чаршија, локалитет Скупи, локалитет Градиште село Таор (Скопско), локалитет Маркови кули (Водно), локалитет Пржали село Варвара, Марков Манастир.
Религиозни предмети и предмети со утилитарна намена
- османлиски период
За време на османлиските влијанија во Скопје покрај џамиите како најбројни османлиски религиозни објекти, се граделе и текии - духовни центри.
Дервишките редови, едни од други се разликувале според специфичните поединечни елементи од облеката и утврдениот начин на обавување на молитвените ритуали. Збирката содржи раритетни предмети, како дервишкиот појас кој припаѓал на следбеник од Бекташискиот дервишки ред и припаѓа на најраните откупени и документирани музејски предмети (1956), и дрвената палка-баш челик од Рифаиската текија во Скопје. Се чувала во ритуалната сала т.н. семахана заедно со останатите ритуални предмети и со неа старешината на текијата ги казнувал дервишите доколку ги прекршеле прописите на редот.
Посебна целина сочинуваат металните предмети за различна намена, меѓу кои се прстените, бронзената плочка која се нашивала на облека, повеќе печати (mühür) кои припаѓале на угледни трговци, занаетчии и еснафски здруженија. Единствен меѓу нив е печатот кој се користел во државната администрација, при заверување на документи во правосудството, регулирајќи одредени давачки за државни такси.
Раритетен артефакт претставува и двокрилната влезна врата од Фаик Пашината џамија, со површини изработени во плитка резба, која по конзерваторските интервенции (2004) адаптирана е во постојаната поставка на Музејот на Старата Скопска Чаршија -Сули ан.
Епиграфски споменици - османлиски период
Создавањето на Збирката на епиграфски споменици од османлискиот период во Музеј на град Скопје се бележи по земјотресот во Скопје од 1963 година. При расчистување на теренот на разурнатиот објект на Ислахана (уметничко-занаетчиско училиште) изграден во 1895/96 година во Градскиот парк, двете надвратни плочи изведени од сив мермер, испишани со talik декоративно писмо се донесени во Музејот.
Збирката содржи натписни плочи од јавни чешми, како од Бојаџискиот мејданлак (1753) и од оградниот зид на Хатунџиклар џамија (1811); натписна плоча од надвратникот на Фаик Пашината џамија (1883/84 год.) клепана од бел мермер со nesh-talik писмо и натписна плоча од 1699/1700 год. вѕидана над една од влезните порти во Тврдината, која сведочи за обновувањата на Скопската Тврдина, по оштетувањата од воените конфликти и пожарот од 1689 година.
Меѓу надгробните споменици најбројни (22) се од локалитетот Градиште-Скопје откриени со археолошките истражувања од 2004 година. Најстариот од нив датира од 1588 година, единствениот целосно зачуван од 1628 година.
Османлиските епиграфски споменици од скопската провениенција биле клепани од исклучително квалитетен бел мермер, кој интензивно се експлоатирал од околните наоѓалишта (село Пагаруша и др.). Зачувани се целосни или во фрагменти со декорирација од калиграфски натписи, арабески, стилизирани розети и сл., изведени со оригинална инвенција, стил и техника и натписи со исклучително содржајни пораки кои ја отсликуваат културната и религиозна традиција.
Грнчарија - османлиски период
Низ повеќе локалитети во Скопје и скопско со археолошките истражувања откривани се многубројни движни наоди кои припаѓаат на османлиската грнчарска продукција од XV-XVII век.
Мноштво од садови, претежно за припрема и подготовка, подгрејување или послужување на храна, складирање на продукти, техничка но и реципиенти за вода и други течности се сведошта за секојдневниот живот на населението во тој период.
Покрај споменативе, збирката содржи и предмети кои чинат составен дел од ентериерот, како: свеќници, печници-конструктивни делови за ѕиданите печки како и предмети за подобрување на акустиката, најчесто применети во сакралните објекти.
Османлиската, претставува мошне успешен сублимат на источната, медитеранска и балканската грнчарија, чии типолошки и технолошки одлики ги следиме преку многубројните предмети. Во составот на глинената смеса скоро редовно се присутни песочни примеси, со примена на премази од квалитетна глазура со складни бои, меѓу кои доминира густ раствор од жолта и транспарентно маслинеста глеѓ.