На крајот на XIX и почетокот на XX век, разгледниците биле најчестиот начин на комуникација помеѓу луѓето. Збирката содржи разгледници од Скопје печатени од крајот на XIX до крајот на XX век. Најстари се разгледниците печатени во печатницата на скопскиот издавач Халил Ќазим, оние што се издадени од POSTAL UNIVERSELLE TURQUIE и разгледниците од крајот на XIX век печатени во Берлин. Разгледниците во збирката се отпечатени на хартија, во три техники: црно бела, колор и тонирана. Според содржината тематски се поделена на: панорами на Скопје, колажи, стара скопска чаршија, верски објекти - цркви и џамии, скопско Кале, мостови, кејови на реката Вардар, Плоштад, училишта, индустриски објекти, паркови, мотиви од околината на градот, разгледници со воена тематика. Поголемиот дел од нив се печатени во Скопје во книжарниците на Коста П. Илиќ, Петар Јовановиќ и Василије Димитријевиќ. Најголемиот дел од разгледниците се издадени од скопските издавачи Владо П. Костиќ, Трајко Б. Столиќ, Ристо Голубовиќ и други. Разгледниците од збирката се издавани и во други градови, најчесто во Белград, Загреб и Софија, а некои примероци се печатени во Хамбург, Лондон и Прага. Повеќето од разгледниците од втората половина на XX век наваму, издадени се од издавачките претпријатија “Култура” од Скопје, “Тутун” од Скопје, НИП”Књижевне новине” од Белград, “Путник” од Загреб и други.
Разгледниците содржат многубројни информации и на својата позадина со мноштво изворни податоци за времето во кое се испратени.